ВИДЕО: Ренова го намачи Хајдук, ама се прости од Европа!

Македонска Ренова доживеа минимален пораз од Хајдук Сплит (0-1) на домашен терен и во рамки на второто коло ги заврши настапите во квалификациите за Лигата на Европа.​

„Гипсарите“ на Ислами дадоа солиден отпор на теренот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ и не се посрамотија и во вториот европски натпревар. Хадис Велии беше перфектен во првиот дел кога диктираше темпо Хајдук, додека вториот дел беше спротивен и Ренова може да жали затоа што не постигна најмалку еден гол во мрежата на славниот сплитски тим.

Хрватскиот претставник тргна одлично, поведе уште во петтата минута од мечот со гол на Цакташ кој реализира со глава и потоа се му беше полесно. Хајдук диктираше темпо на игра, а Ренова беше среќна што по првите 45 минути имаше само еден гол негатива. Голема заслуга за тоа има голманот Хадис Велии, кој одбрани три зицери на гостите - прво на Ѓурчо, а потоа и две прилики на најистурениот напаѓач Дијамантакос.

Заморот беше евидентен и кај двете екипи, па стартот на вториот дел на топлото време во Скопје беше доста пасивен. Ренова ја чекаше својата шанса преку контра, а ја доби во 69. минута кога Гавазај одлично се ослободи од чуварот и биеше, но шутот во најзрелата шанса за „гипсарите“ профучи само над пречката. Пет минути подоцна, се закани Хајдук, но Велии со две одбрани во една акција не им дозволи на Хрватите пак да стрелаат.

Во 77. минута, Ренова повторно имаше прекрасна прилика, арно ама обидот на Шала пак заврши надвор од рамки на голот, иако тој се наоѓаше во добра позиција. Во последните десет минути, Ренова го „окупира“ теренот пред голот на Хајдук. Шансите се нижеа, ама среќата не беше на страната на македонскиот тим. 

Хајдук Сплит во следната квалификациска рунда ќе игра против Нефтчи Баку или Галатасарај.