Ренџерс сруши трансфер-рекорд во германската Трета лига и донесе конкуренција на Миовски

Германскиот клуб, Ханза Росток, го продаде својот најдобар стрелец Рајан Надери на шкотскиот гигант Глазгов Ренџерс, за рекордна сума во историјата на германската трета лига. Иако клубот не објави официјални бројки, германските медиуми тврдат дека сумата е шест милиони евра.

Ханза го потврди трансферот на 22-годишниот напаѓач, нагласувајќи дека станува збор за рекорден трансфер за тоа ниво на натпреварување. Според информациите од германскиот „Билд“, понудата достигнала износ што клубот од третата лига едноставно не можел да го одбие.

Стариот рекорден трансфер во третата лига бил четири милиони евра, кои Ред Бул Салцбург ги плати во 2024 година за Хендри Бланк од вториот тим на Борусија Дортмунд.

Извршниот директор на Ханза, Роналд Маул, ја објасни одлуката на клубот. 

„Иако економската страна на договорот беше исклучително важна, Надери секогаш беше во центарот на нашите размислувања. Тој е млад, талентиран играч со одлична кариера пред себе. Сака да ја искористи можноста на меѓународно ниво и да се докаже на големата сцена во клуб како Ренџерс“, рече Маул.

Надери, кој е роден во Дрезден и има чешко државјанство, се приклучи на Ханза во летото 2024 година од Борусија Менхенгладбах. Оваа сезона, тој постигна осум гола и забележа пет асистенции во 18 лигашки настапи, а во Ренџерс ќе биде конкуренција на нашиот Бојан Миовски. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.