ВИДЕО: Рен со пресврт го совлада бледиот Арсенал, Виљареал го „потопи“ Зенит

Во првиот осминафинален натпревар од Лига Европа, фудбалерите на Арсенал на гостински терен се поразени од тимот на Рен со 3-1 (0-1) и на „Емирати“ ќе треба да бркаат победа од два разлика, доколку сакаат да обезбедат четвртфинале.

Натпреварот одлично започна за избраниците на Унаи Емери и преку Алекс Ивоби уште во четвртата минута поведоа со 0-1. Веднаш потоа шанса за „топџиите“ имаше и Лука Тореира, но неговиот удар домашниот голман одлично го одбрани.

По почетниот притисок Французите се ослободија и првата закана ја имаа од слободен удар, но обидот на Клемен заврши над голот. Во финишот на првиот дел Арсенал најпрво остана со човек помалку по исклучувањето на Сократис Папастатопулос, а во 42. минута Бенжамин Бурижо, со вистински еврогол израмни на 1-1.

Во вториот дел Рен имаше целосна контрола врз играта, создаваше шанси пред Чех, а таквата игра беше крунисана со автологот на Начо Монреал во 65. минута, по кој Рен поведе со 2-1. „Топџиите“ делуваа немоќно, а одличното второ полувреме домачините го крунисаа со нов гол во 88. минута, откако Исмаил Сар ги постави конечните 3-1.

Севиља и Славија Прага одиграа извонреден натпревар, кој на крајот заврши со реми резултат 2-2 (2-2). Во првиот дел домаќините двапати водеа со головите на Бен Једер и Мунир Ел Хадади, но Чесите беа упорни и на одмор со головите на Стох и Крал дојдоа до позитивни 2-2. Во вториот дел Севиља имаше повеќе од играта, создаде безброј шанси пред противничкиот голман, но на крајот 2-2 остана како конечен резултат.

Вториот шпански претставник, тимот на Виљареал славеше голема победа на гостински терен против Зенит со 1-3 и се доближи до пласман во четвртфиналето на Лига Европа. Виљареал поведе со голот на Ибора, а до одморот домаќините преку Азмун израмнија на 1-1. За „жолтата подморница“ стрелаа Морено и Морланес во вториот дел, за водство од 1-3, кое на крајот се покаажа и како конечен резултат.

Реванш натпреварите, по кои ќе бидат познати патниците во четвртфиналето на Лига Европа се закажани за 14 март.