• Иван Димовски

Фудбалерите на Лил се радуваа на тешкото гостување кај Рен со 1-3 (1-0), во рамките 22. коло на француската Лига 1. Средбата на „Роажон Парк“ понуди рана предност на домашните, па потоа гостинската екипа направи пресврт во второто полувреме.
Само 26 секунди им беа потребни на гиграчите на Рен да поведат, откако по грешка на дефанзивата казни Амин Гуири за 1-0. По постигнатиот погодок, домашните фудбалери го смирија темпото на игра и првиот дел не понуди многу возбудувања.
Веднаш на стартот на продолжението Лил го најави враќањето со поништениот гол на Џонатан Дејвид. Откако еднаш не се израдуваа, израмнувањето дојде во 59. минута преку Едон Жегрова, кој погоди за 1-1. Следеше „празен“ период со многу измени и прекини, за во финишот гостите да дојдат до победата. Прво во 85. минута Реми Кабеља успеа да донесе пресврт, за во последните секунди на мечот Андре Гомес да ги постави конечните 1-3.
Лил со оваа победа се приближи на само два бода до Рен кој го држи последното „европско“ место на табелата.