Ремзи станува втор најплатен фудбалер во Јуве по Кристијано Роналдо

Арон Ремзи

Светските медиуми со голема сигурност тврдат дека Арон Ремзи и Јувентус постигнале договор и дека нивната соработка треба да започне на 30 јуни, кога Велшанецот ќе стане слободен играч.

28-годишникот го загуби местото во Арсенал со доаѓањето на Унаи Емери, а не доби и примамлива понуда за нов договор, па се реши за нова авантура во кариерата и тоа во Италија. „Старата дама“ продолжи со одличните зделки и потпишувањето со фудбалери без да плати ниту едно евро.

Во наредните неколку дена, играчот за врска ќе потпише петгодишен договор со тимот од Торино кој ќе го направи втор најплатен фудбалер, веднаш зад Кристијано Роналдо. Неговата годишна плата ќе изнесува осум милиони евра, што значи дека ќе заработи 40 милиони на крајот од сезоната 2023/24.

Јуве игра одлично во новата сезона и се наоѓа на чело на табелата во Серија А, а се избори и за осминафинале во Лигата на шампионите, каде ќе се сретне со Атлетико Мадрид и Диего Симеоне.