• Иван Димовски
Лисабонското дерби во португалската Примеира лига меѓу Бенфика и Спортинг заврши без победник со 1-1 (0-1). Средбата на „Да Луж“ во претпоследното првенствено коло заврши со резултат кој повеќе му одговара на гостинот, па Спортинг е во пол-позиција да ја одбрани титулата.
Само четири минути му беа потребни на гостинскиот тим да дојде до предност. Тринкао беше човекот кој го отвори резултатот по асистенција од Ѓоќереш за 0-1. Овој резултат беше активен и на паузата меѓу полувремињата, иако Бенфика се обиде да се врати. „Црвено-белите“ имаа контрола, меѓутоа тешко им одеше креацијата на шанси, бидејќи гостите добро го бранеа стекнатото водство.
Израмнувачкиот гол за Бенфика падна во 63. минута преку Керем Актуркоглу, кој по проигрување од Павлидис погоди за 1-1, резултат кој се испостави како конечен.
Поради победата во првото лисабонско дерби Спортинг е лидер иако двата тима имаат по 79 бода. Така, во последното коло Спортинг е во пол-позиција да ја одбрани титулата, а игра против Виторија Гимараеш дома, додека Бенфика гостува кај Брага.