Реми без голови на Академија Пандев и Работнички во Струмица

Екипите на Академија Пандев и Работнички одиграа реми без голови (0-0), во пресметката од 26. коло на Првата македонска фудбалска лига. Дуелот кој се одигра во СЦ „Горан Пандев“ во Струмица понуди допадлив фудбал, меѓутоа мрежите на двете страни мируваа и дојде до делба на пленот.

Бојовиќ, кој ја водеше екипата наместо казнениот Васоски, се одлучи за двајцата Аргентинци во стартниот тим и Велиновски и Георгиевски во средниот ред од првата минута. Милан Илиевски возврати со офанзивен тим со тројца напаѓачи и Крсте Велкоски со слобода на движење. Гостите многу подобро го почнаа натпреварот и во првиот дел креираа двр зрели шанси, а и двапати ја погоди рамката од голот на Алчевски.

Во 15. минута по центаршутот на Мазари, центарфорот Рушевиќ го погоди оној дел каде што се спојуваат пречката и стативата. Осум минути подоцна истиот фудбалер изби сам пред Алчевски, кој му одбрани зицер, а во продолжението на акцијата Бојан Димовски со глава спаси сигурен гол по ударот на Кире Маркоски. И во финишот на полувремето Работнички имаше колосална шанса, откако ударот на Мазари во 39. минута заврши во пречката. Струмичани во првиот дел останаа должни и опасни беа само во една ситуација, кога ударот на Велиновски заврши над пречката. 

Второто полувреме понуди добро темпо, активен фудбал и солидна игра на екипите на двете страни. Имаше по некоја полушанса пред двата гола, опасни акции кои можеа да доведат до погодок, ама не беа реализирани. Влегувањата на Донов и Трајков донесоа живост кај домаќините, кои половина час беа подобар противник. Сепак, следуваше подобар финиш на дебармаалци, но Алчевски ја сочува сопствената мрежа. Голманите немаа вистински закани од противниците, па веројатно на крајот ремито беше најреален исход на мечот. 

Работнички со 25 бода се наоѓа на осмото место на табелата, има четири повеќе од Академија Пандев. Двата тима се борат да го избегнат десеттото место кое води во баражот, а на него е Скопје со 18 бода.