ВИДЕО: Ремек-дело на Вилијан, Челзи на „Стемфорд Бриџ“ го совлада Њукасл

Во последниот денешен натпревар од 22. коло на Премиер лигата, фудбалерите на Челзи на својот „Стемфорд Бриџ“ славеа очекувана победа против Њукасл со 2-1 (1-1).

Избраниците на Сари одлично го отворија натпреварот и по девет минути игра веќе имаа предност од 0-1. Давид Луиз одлично додаде до Педро, а Шпанецот забележа дека гостинскиот голман е излезен и со мајсторски лоб ја смести топката во мрежата. И покрај водството, „сините“ продолжија со нападите, а во 25. минута одлична шанса имаше Давид Луиз, но неговиот обид заврши над пречката.

Како одминуваше првиот дел, гостите се ослободуваа од притисокот, најпрво се заканија преку Перез, а во 40. минута по еден корнер, Кларк успеа да го матира Кепа и да израмни на 1-1.

Вториот дел започна со две шанси на Педро, што беше и најава за ново водство на Челзи. Се играше 57. минута, Азар додаде до Вилијан, а овој откосо биеше неодбранливо во мрежата на Дубравка (2-1).

До крајот на мечот тимот од Лондон имаше уште неколку шанси за погодок, но сите без реализација. На спротивната страна најсериозната можност ја имаше Рондон, но неговиот обид со глава од десетина метри, во 85. минута заврши покрај голот, па и резултатот до крајот остана непроменет.

По денешната победа Челзи има шест бода предност пред тимот на Арсенал, а во наредното коло „сините“ ќе играат на гостински терен, токму против „топџиите“.