• Мартин Танасковски

Репрезентативната пауза му годеше на Тиквеш, затоа што кавадарчани на домашен терен славеа над Вардар (1-0) и така победија за првпат во пет кола во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Триумфот на тимот од Кавадарци добива на тежина затоа што е извојуван со играч помалку, а човек на натпреварот е Едиз Спахиу кој даде мајсторски погодок во мрежата на Филип Гачевски и на тимот му ја донесе третата победа оваа сезона.
- Извештај од натпреварот:
Дуелот на Градскиот стадион во Кавадарци тргна отворено. Бодовите беа важни и за Тиквеш и за Вардар, па двете екипи не се штедеа уште од првата минута и напаѓаа. Се играше активен фудбал со шанси, Трајковски и Гасама беа во преден план во воведните триесетина минути со можности, ама голманите Димоски и Гачевски не дозволија да се тресат мрежите. Потоа следеше мало затишје во можностите, па тие се вратија на сцената пред паузата, кога прво Педрињо од Вардар имаше прекрасна можност, потоа пак Гасама од Тиквеш, но немаше погодоци на полувремето.
На стартот на вториот дел домашниот тим остана со играч помалку. Даниел Карчески поради втор жолт картон беше испратен во соблекувалната, а Васоски мораше да менува, затоа што Педрињо се повреди, а шанса да дебитира доби новото засилување Милосавиќ од ТСЦ Бачка Топола. Дури и со играч помалку Тиквеш беше тимот што притискаше. И во два наврати ја погоди пречката и стативата. Прво во 70. минута Миле Тодоров шутираше, Гачевски ја чепна топката со врвот на прстите и таа заврши во статива, а потоа Спахиу ја стресе пречката. Тоа се случи во 70. и 71. минута, а три минути подоцна можност за Вардар имаше искусниот Дејан Цветаноски тукушто влезе во игра, меѓутоа и неговиот обид заврши во пречката од голот на ривалот.
И бариерите паднаа во 77. минута, кога Едиз Спахиу изведе мајсторија. Новиот играч на Тиквеш си создаде простор и со еден силен шут од далечина, од дваесетина метри, погоди во мрежата на вардарци. Стадионот во Кавадарци еруптира од радост, а за крилниот офанзивец ова беше првенец во дресот на Тиквеш по трансферот од Гостивар. Во последните петнаесетина минути Тиквеш го смири темпото на игра, Вардар беше под притисок и напаѓаше, ама не најде начин да ја пробие дефанзивата на домашниот тим.
Тиквеш во следното коло го чека нов дерби-дуел на домашен терен, овој пат против Брегалница. Вардар, кој е претпоследен, ќе му биде домаќин на Гостивар.