ВИДЕО: Ремек-дело на Ди Марија, ПСЖ со пресврт го освои Суперкупот

Екипата на Пари Сен Жермен ја отвори сезоната во Франција со титула и во финалето на Суперкупот со 2-1 (0-1) славеше над Рен. Триумфот добива на тежина ако се знае дека првакот на Франција играше без Нејмар и без уште неколкумина кои ова лето беа инволвирани на Копа Америка. Од новајлиите шанса добија Сарабија, Диало и Херера.

  • Извештај од натпреварот:

„Светците“ одиграа две различни полувремиња, па до посакуваната титула дојдоа со пресврт. Мечот се одигра во Шенжен, Кина, а Рен го мачеше фаворитот со само еден шут во рамка на голот за време на целиот натпревар.

Аутсајдерот на хартија успеа да поведе во 13. минута, кога стрелаше Хуну. Потоа, ПСЖ имаше шанси кои не ги искористи, а по паузата конечно ја подобри реализацијата. По една добро воиграна акција, во 57. минута изедначи Мбапе на 1-1, а пресвртот го направи Анхел Ди Марија во 73. минута со еден перфектно изведен слободен удар.

За ПСЖ, кој е апсолутен владетел во францускиот фудбал во изминатата деценија, во Суперкупот ова е седма титула во низа. Шампионатот на Франција официјално почнува в петок со дербито од првото коло меѓу Монако и Лион.