• Саше Љолес
Полека завршува сагата околу иднината на најголемиот талент на Хајдук Сплит, Лука Вушковиќ. 16-годишниот дефанзивец беше мета на многу европски гиганти, но по сè изгледа кариерата ќе ја продолжи во Франција. Стоперот е висок 193 сантиметри и важи за еден од најдобрите млади фудбалери во светот, а интересот за него трае веќе две години.
Хрватските медиуми денес ја пренесуваат веста дека Хајдук ја прифатил понудата од Пари Сен Жермен и младиот Вушковиќ уште летово ќе ги засили „светците“ од Париз. Сумата што ПСЖ ќе му ја исплати на хрватскиот тим е 10,5 милиони евра, а се претпоставува дека договорот ќе биде со времетраење од пет години.
Агентите на Вушковиќ и адвокатите на Хајдук веќе работат на реализација на договорот, а сплиќани најверојатно ќе добијат и 20% од евентуалниот следен трансфер на Хрватот. Талентираниот централен дефанзивец оваа сезона се покажа во одлично светло и одигра неколку натпревари за првиот тим на Хајдук, а со младинската екипа на сплитскиот тим се пласираше во финалето од младинската Лига на шампиони, каде беа декласирани од холандски АЗ Алкмар со високи 5-0.
Вушковиќ на овој натпревар направи и една голема грешка по која Хајдук прими гол, но сепак, неговиот талент е неспорен и тој ќе ја продолжи својата кариера во францускиот гигант. Најверојатно Вушковиќ ќе биде член на младинските категории на ПСЖ, а постепено ќе добива и „прекоманда“ во првиот тим, во зависност од неговиот напредок.
Минатите неколку месеци се шпекулираше дека Манчестер Сити е најблзизу до потписот на Вушковиќ, но сепак, ПСЖ е тимот што ја добива битката за големиот талент. Трансферот на Вушковиќ во ПСЖ е многу близу до рекордот на Хајдук, а првиот играч што беше продаден за слична сума беше Никола Влашиќ кој премина во 2017 година прејде во Евертон за сума од 10,8 милиони евра. Доколку Лука Вушковиќ успее да реализира барем еден од дополнителните бонуси, тој ќе го мине Влашиќ и ќе донесе најголема заработка во историјата за Хајдук.