Реднап: Њукасл го чека големо враќање во елитата, верувам во новите сопственици

По тринаесет години Мајк Ешли си заминува од Њукасл Јунајтед. Контроверзниот сопственик не можеше да го издржи притисокот кој му беше наметнат од страна на фановите и се реши за сума од 300 милиони евра да го продаде клубот на саудиската фондација „ПИФ“, која е во сопственост на тамошниот принц Мохамед Бил Салман.

„ПИФ“ ќе откупи 80% од акциите на клубот, додека останатите 20 ќе завршат кај браќата Рубен, кои се едни од најпознатите бизнисмени во Британија. 

Џејми Реднап, некогашниот фудбалер и сегашен аналитичар на „Скај Спортс“ го пофали доаѓањето на новите газди на „Сент Џејмс Парк“ и очекува во иднина Њукасл да го гледаме на самиот врв во Премиер лигата.

„Браќата Рубен, а пред сè Џејми се фудбалски фанатици. Тој сака да дознае сè за играчите. Со таков пристап сигурен сум дека детално ќе го истражува трансфер пазарот и ќе доведе квалитетни засилувања. Исто така добра работа е што во периодот кој следува пазарот ќе се промени, а играчите ќе бидат поевтини. Њукасл го чека големо враќање на англискиот врв“, рече Реднап.

Во минатото „страчките“ четири пати беа шампиони на Англија, но последниот го освоија пред околу еден век, поточно пред 93 години.