• Саше Љолес
Селекторот на украинската репрезентација, Сергеј Ребров, беше прилично воздржан на прес-конференцијата по клучниот меч со Италија за пласман на Европското првенство. Неговиот тим не успеа да дојдае до победа која ќе им ја чекираше „визата“ за престижниот турнир, но голем дел од публиката смета дека Украина била оштетена и морала да добие пенал во завршницата од натпреварот.
Спорниот момент се случи кога Брајан Кристанте го нагази зглобот на Михајло Мудрик, но шпанскиот судија не се огласи, а немаше реакција ниту од ВАР-собата. Ребров даде прилично дипломатски одговор, иако изгледаше дека не се согласува со оваа одлука.
„Мислам дека тоа беше пенал за нас, но тука постојат судии и ВАР-соба, не сме ние тие што одлучуваат. Главниот судија не беше повикан да ја прегледа снимката, така што мислам дека тука завршува овој разговор“, рече Ребров.
Италија имаше значително повеќе од играта на мечот со Украина, но лесно можеше да дојде и до сензација, затоа што и Украинците имаа свои изгледни шанси. „Аѕурите“ сепак со ремито успеаја да се пласираат директно на Европското првенство и следното лето во Германија ќе ја имаат шансата за одбрана на трофејот кој го освоија во 2021 година.