• Иван Димовски
Фудбалерите на Реал Мадрид забележаа победа на гостувањето кај Џирона (0-3) во натпревар од 16. коло на шпанската Примера. Мечот на „Монтиливи“ во Џирона му припадна во целост на гостинскиот тим.
- Извештај од натпреварот:
Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски беше стартер против европскиот и шпански првак, а играше до 58. минута кога беше заменет.
Што се однесува до средбата, Реал стигна до предност во 36. минута кога патот до мрежата го пронајде Џуд Белингем (0-1). Вториот дел тргна со нова „кралска“ шанса на Чуамени, а потоа во 55. минута на 0-2 зголеми Арда Ѓулер, а овојпат Белингем беше асистент.
Откако претходно се посрамоти и промаши колосална шанса по контра, очи во очи со голман, Килиан Мбапе им се оддолжи на навивачите со гол. Французинот во 62. минута реализира по проигрување од Модриќ (0-3). До крајот резултатот не се менуваше и Реал запиша важни бодови.
„Кралевите“ имаат 36 бода и се на чекор зад Барселона, а од рака им оди тоа што имаат меч помалку на контото.