Реал сака дефанзивец од Германија, спремен е да прекрши непишано клупското правило

Столбот на одбраната на Баер Леверкузен, Џонатан Тах е на мета на Реал Мадрид. „Кралскиот“ клуб копнее за дефанзивна стабилност оваа сезона, а 28-годишниот стопер на германската репрезентација би можел да биде вистинско решение за тој проблем. 

Интересот на Реал го објави познатиот германски инсајдер Флоријан Плетенберг и истакна дека Реал е подготвен да го донесе уште оваа зима.

Тоа би бил преседан бидејќи е непишано правило Реал да не носи играчи во зимскиот преоден рок. Таквата политика се спроведува затоа што играчите донесени за зима не можат да се воиграт со остатокот од тимот. За Тах е заинтересиран и Баерн кој сака да го убеди да дојде на лето, кога ќе му истече договорот.

Викендов се повреди и Бразилецот Едер Милитао, па тренерот Карло Анчелоти остана без опции во последниот ред, кој покажа многу несигурности оваа сезона.