• Мартин Танасковски

Екипата на Реал Мадрид забележа многу важна победа над Салцбург (5-1) и е во плеј-оф зоната во Лигата на шампионите на едно коло пред крајот. Кралскиот клуб беше под притисок заради лошите резултати, но во последните две кола се врати во колосек.
Сметката на нервозните кралеви од Мадрид ја плати австрискиот првак кој веќе е прежален и нема шанси за прогрес во следната рунда на елитното друштво. Нападот на Реал Мадрид пукаше како тешка артилерија, офанзивците комбинираа заедно пет гола.
Забавата на „Сантијаго Бернабеу“ започна во 23. минута кога Родриго го даде првиот гол во Лигата на шампионите сезонава, а потоа, истиот играч реализира за 2-0 во 34. минута. Тоа беше резултатот и на паузата, за потоа во шест минути на сцена да стапат Мбапе и Винициус, за високи 4-0. Петката ја комплетира Винициус со вториот гол, а поразот на Австријците го ублажи Бидстурп на пет минути пред финишот.
Во последното коло на Лигата на шампионите, Реал Мадрид гостува кај Брест, додека Салцбург игра дома со Атлетико Мадрид.