• Горан Упале

Реал Мадрид во неделата беше поразен од Барселона на „Камп Ноу“ со 2-1 и со тоа дефинитивно ја загуби титулата во Шпанија. Барселона влезе во дербито со девет бода предност и на Каталонците им беше важно само да не загубат, додека Реал беше под многу поголем притисок и едноставно мораше да победи за да се врати во трката за титулата.
Сепак, иако поведе, Реал на крајот загуби со 2-1. Но, мадриѓани сметаат дека судиите биле наклонети кон Барселона, па официјалниот ТВ канал на клубот од Мадрид објави видео со неколку спорни ситуации како доказ дека биле оштетени на „Ел Класико“.
Ова е бран нови обвинувања против Барселона, која е под лупа поради „случајот Негреира“, големиот скандал што го одбележа шпанскиот фудбал во последно време. Станува збор за обвинувања на сметка на Барселона дека купиле судии, за што би можеле да бидат најстрого казнети. Во Реал сега водат правна битка, сакаат да помогнат да се разоткријат сите детали околу наводните нечесни игри на Барселона.
Она што е сигурно е дека Барселона има +12 на табелата и е на прагот на титулата, а останува да се види дали властите во Примера потоа ќе донесат одлука која може да биде на штета на Каталонците. Се споменува одземање бодови, дури и испаѓање во Втората лига, а мадриѓаните очигледно сега сакаат да извршат дополнителен притисок за да му го зададат „последниот удар“ на лутиот ривал.
Инаку, поради сите случувања, првиот човек на Реал, Флорентино Перез првпат не присуствуваше на „Камп Ноу“ за да го гледа големото дерби.