• Саше Љолес
Европската фудбалска унија (УЕФА) донесе одлука да го казни Реал Мадрид поради инциденти на трибините и расистички извици за време на натпреварот против Бенфика во Лигата на шампионите.
Инцидентите се случија на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, каде што дел од навивачите на шпанскиот клуб користеле пиротехника и упатувале расистички навреди кон дел од играчите на гостинскиот тим. Интересно е што токму на овој натпревар клубот испрати јасна порака „Не за расизмот“, поради претходните инциденти на првиот меч во Лисабон.
Поради тоа, дисциплинската комисија на УЕФА изрече директна парична казна од 15.000 евра, како и условна казна од дополнителни 150.000 евра. Европската куќа на фудбалот уште еднаш потсети дека клубовите се одговорни за однесувањето на своите навивачи и дека ваквите прекршоци ќе продолжат строго да се санкционираат.
Изречена е и условна казна за затворање на дел од трибините на легендарниот стадион, но таа ќе биде применета само ако се повторат слични инциденти во период од една година.




