• Саше Љолес

Реал Мадрид остана без уште еден фудбалер поради повреда, откако Раул Асенсио ќе мора да паузира најмалку три месеци поради проблем со десната потколеница.
Шпанскиот дефанзивец во вторникот го прекинал тренингот поради болки, по што денеска бил подложен на дополнителни лекарски прегледи. По консултациите со медицинскиот и стручниот штаб на клубот, донесена е одлука Асенсио да биде опериран.
„Асенсио утре ќе биде опериран поради фрактура на тибијата на десната нога“, соопшти Реал Мадрид, без притоа да прецизира колку долго фудбалерот ќе биде надвор од терените.
Сепак, според информациите на шпанскиот „Ас“, повредата е сериозна и се очекува Асенсио да отсуствува најмалку три месеци. Доколку рехабилитацијата помине според планот, неговото враќање на терените би можело да се случи на почетокот на следната година.
Ова е нов проблем за тренерот на Реал Мадрид, кој во следниот период ќе мора да бара алтернативно решение во одбраната. За Асенсио, пак, следува долг период на опоравување по операцијата, со цел што поскоро и без ризик да се врати во натпреварувачки ритам.


