• Мартин Танасковски

Главниот тренер на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, ја објасни одлуката својот тим да не го одржи последниот тренинг пред натпреварот против Ливерпул на стадионот „Енфилд“. Наместо тоа, „кралскиот клуб“ ја заврши подготовката во својата тренинг база во Мадрид, па отпатува за Англија.
Во пресрет на еден од највозбудливите дуели од групната фаза на Лигата на шампионите, Алонсо истакна дека оваа одлука е донесена со цел фудбалерите да имаат поголем фокус и мир пред натпреварот.
„Тоа е моја лична одлука. Сметам дека најдобро е тимот да се подготви во својата средина, без непотребен притисок и без присуство на стотици камери кои би го следеле секој наш чекор. Подобро е да тренираме во наши услови, каде што имаме апсолутна концентрација и приватност,“ изјави Алонсо.
Натпреварот ќе биде посебен момент и за самиот стратег, кој ќе се врати на стадионот каде што ја помина една од најубавите етапи во својата играчка кариера. Алонсо го носеше дресот на Ливерпул од 2004 до 2009 година, период во кој го освои и трофејот во Лигата на шампионите во 2005 година, оставајќи длабока трага меѓу навивачите на клубот.
Реал Мадрид влегува во мечот со максимален учинок, девет бодови од трите одиграни кола, додека Ливерпул има шест бодови и ќе се обиде со победа да се израмни со најтрофејниот европски клуб.













