Реал Мадрид на маса ја има најбогатата понуда за трансфер во историјата на спортот!

Винициус Жуниор, крилниот напаѓач на Реал Мадрид, ја доби најбогатата понуда во историјата на фудбалот. Ова го пишуваат сите релевантни шпански и бразилски медиуми.

Инсајдерот Марио Кортегана откри дека делегација на Државниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија, во име на тамошното Министерство за спорт, контактирала со агентите на Вини со желба нивниот претставник да стане заштитно лице на саудиската лига. Тоа го посакуваат богатите Саудијци за да го подигнат имиџот на земјата и нејзиниот фудбал пред Светското првенство во 2034 година, кое ќе се организира во таа земја.

„Глобо“, бразилскиот медиумски гигант, ги откри деталите за нестварната понуда. На Винициус му е понуден петгодишен договор, според кој ќе заработи милијарда евра, тринаесет пати повеќе отколку во Реал. На социјалните мрежи се шири вирален твит во кој пишува дека доколку Винициус ја прифати понудата би заработувал по 23.000 евра за минута, 549.000 евра дневно и 3,8 милиони евра неделно.

Освен што би бил феноменално платен доколку игра во саудиската лига, за споменатиот хонорар би се однесувал и како заштитно лице на Мундијалот во 2034 година. „Марка“ вчера попладне напиша дека Реал и Винициус го „отфрлиле најголемиот трансфер во историјата на спортот“, но „АС“, синоќа го тврдеше спротивното.

Наводно, Реал на маса има понуда од 400 милиони евра, а според мадридскиот весник претседателот Флорентино Перез одби да преговара за овој трансфер. Сепак, ги пренасочи Саудијците на извршниот претседател Хозе Анхел Санчез, кој ќе има задача да убеди богатите инвеститори дека за трансферот да се реализира ќе треба да се плати откупната клаузула која што изнесува една милијарда евра. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.