Реал Мадрид договори летно супер-засилување за 55 милиони евра!?

Реал Мадрид не успеа да најде замена за Кристијано Роналдо, а како резултат дојде неуспехот минатата сезона. Тие завршија на третото место во Примера, беа елиминирани во осминафиналето на Лигата на шампионите и во полуфиналето на Кралскиот Куп. 

Промени беа неопходни, а Зинедин Зидан беше вратен на клупата. Оваа сезона ја отворија подобро и се во врвот на табелата во мртва трка со Барселона и Атлетико Мадрид. Според шпанските медиуми, Реал веќе го договори првото засилување за следната сезона. 

Се работи за офанзивниот играч за врска на Ајакс, Дони ван де Бек. За неговите услуги „кралевите" ќе мора да издвојат околу 55 милиони евра, а со сигурност и да му понудат висока плата на играчот. 

22-годишниот Холанѓанец експлодираше минатата сезона во Ајакс и беше дел од убиствениот напад со Тадиќ, Нерес и Зијеч. За него се интересираат голем број клубови, но за секој играч интересот на Реал Мадрид е посебен.