• Иван Димовски
Иако со месеци се шпекулираше дека би можел да заврши во Реал Мадрид, иднината на Јошко Гвардиол останува во Манчестер Сити. Според информациите, хрватскиот репрезентативец постигнал договор за нов и подобрен договор со англискиот шампион.
Раководството на Сити на Гвардиол му понуди договор до 2031 година според кој ќе добие покачување на платата. Неофицијалните информации велат дека тој ќе добие меѓу 15 и 16 милиони евра годишно.
Со тоа дефинитивно пропаднаа надежите на Реал Мадрид да го доведе во своите редови. „Кралевите“ подолго време го следеа хрватскиот стопер, но Манчестер Сити не покажа подготвеност за преговори околу негова продажба.
Гвардиол и натаму го држи статусот на најскапиот стопер во историјата на фудбалот, откако во 2023 година пристигна на „Итихад“ од РБ Лајпциг во трансфер вреден околу 90 милиони евра. Оттогаш се наметна како еден од најважните играчи во составот на Сити, па клубот реши дополнително да го награди со нов договор.