• Саше Љолес

Информациите од повеќе шпански медиуми велат дека судот во Мадрид донел одлука за забрана за користење на терминот „Ел Класико“ од страна на двата најголеми клуба, Барселона и Реал Мадрид. Порталот „Ел Релево“ беше првиот што ја објави веста со ветување дека медиумски ќе го покрива случајот до самиот крај.
Оваа одлука доаѓа откако подолго време се водеше судски спор со Примера и челниците на лигата, затоа што се работи за еден од најпопуларните спортски брендови во државата. Двата клуба имаат многу спротивставени ставови за одредени теми, но кога се работи за заработката, знаат да бидат и обединети. Сепак, директните учесници во фудбалското „Ел Класико“ добија забрана за користење на терминот и тие ќе можат да ја обжалат пресудата во следните триесет денови.
Доколку судот повторно ја уважи првостепената одлука, клубовите ќе имаат можност да се обратат и пред меѓународните судови кои дополнително ќе го разгледуваат случајот. Јавноста во Шпанија коментира дека оваа „битка“ ќе трае долго, затоа што се работи за големи приходи на годишно ниво, а адвокатските тимови на Барса и Реал веројатно бргу ќе се подготват за процесите.
Првичната одлука против клубовите дојде од државниот орган за патенти и брендови во Шпанија, а судот само ја потврди истата пресуда. Барселона и Реал Мадрид се двигатели на Примера и се клубовите поради кои светот ја гледа лигата, па затоа сметаат дека имаат право на терминот, иако тој се „коси“ со веќе постоечки термин „Ел Класико“, употребуван и од други субјекти во минатото.