ВИДЕО: Реал го претстави новиот бразилски бисер

Реиниер

Екипата на Реал Мадрид продолжи со одличните зделки од Јужна Америка. Денес на „Сантијаго Бернабеу“ беше претставен уште еден талент од Бразил.

Се работи за младиот Реиниер, кој има 20 години и го чинеше „кралскиот“ клуб 35 милиони евра. Тој е третиот бразилски интернационалец кој во последните две години пристигна во Мадрид, по Родриго и Винициус јуниор.

Новиот член на мадриѓани не можеше да се воздржи и со солзи порача дека го оствари својот детски сон.

„Ова е сон за мене и целото семејство. Задоволен сум што го остварив мојот сон од детството. Сите играчи ме прифатија убаво и не можам да дочекам да работам со Раул. Тренерот ме поздрави и ми посака среќа. Сега сакам да уживам и да заиграм што е можно поскоро за Реал Мадрид и што би рекле во мојата земја - да му го дадам животот на овој клуб“ , порача талентираниот фудбалер.

Во својата родна земја го споредуваат со Кака, што е комплимент кој ретко се добива на фудбалските терени. Реиниер оваа сезона ќе настапува за вториот тим на Реал, кој го води легендата на клубот, Раул Гонзалез.