Реал го користи Јовиќ за да стигне до Халанд?

Халанд Јовиќ

Мадридски Реал не пропушта шанса да достави понуда за сите нови ѕвезди кои се појавуваат, па така ќе биде и со Ерлинг Халанд. Неговата форма и талент секако дека се примамливи за „кралевите“, кои низ историјата покажале дека секогаш се магнет за најдобрите играчи на светот.

Агентот Мино Рајола има добри односи со Флорентино Перез, претседателот на мадриѓани. Оваа зима, тој успеа да се договори со Борусија Дортмунд за да обезбеди трансфер на Норвежанецот во Бундеслигата. Во договорот има неколку клаузули, а една од нив е откупната, која може да се активира наредната зима и изнесува скромни 75 милиони евра.

УЕФА неодамна дозволи еден фудбалер да настапува за две екипи во Лигата на шампионите во иста сезона, па тоа му оди во прилог на тимот на Зинедин Зидан. Доколку голгетерот ја започне сезоната со „милионерите“, во вториот дел од истата ќе има можност да го предводи нападот на шпанскиот гигант.

Клучно име, според шпанските медиуми, во целата операција е Лука Јовиќ. Српскиот напаѓач направи повеќе проблеми, отколку што постигна голови откако пристигна на „Сантијаго Бернабеу“. Клубот размислува да го испрати на позајмица, а кам-бек во Германија би било одлично решение за двете страни.

Заклучокот од овие шпекулации се дека Реал не сака да плати 200 милиони за Хари Кејн, ниту пак 70 милиони за Икарди или Кавани, а Лаутаро Мартинез веќе не е во плановите, бидејќи негова желба е да игра во Барселона.