ВИДЕО: Реал го истури бесот врз Монако, Суарез со два гола го шокираше ПСЖ

По турболентниот период, во кој остана без трофеј во Суперкупот на Шпанија и забележа срамна елиминација во Купот на Кралот, Реал Мадрид  „бесот го истури“ врз Монако во првото коло во 2026 година во Лигата на шампионите. На „Сантијаго Бернабеу“ домаќините славеа со убедливи 6-1 и направија круцијален исчекор кон директен пласман во осминафиналето. 

Килијан Мбапе, кој поради повреда не беше во можност со сиот свој капацитет да му помогне на Реал во споменатото финале од Суперкупот, вечерва блесна против очајниот противник. Францускиот ас беше автор на првите два гола, во 5. и 26. минута, а во вториот дел мрежата на Монако ја затресоа уште Мастантуоно, Винициус и Белингем, додека автогол си постигна Кехер. Со вечерашните три бода Реал Мадрид се искачи на втората позиција на табелата со 15 бода, колку што има и Баерн Минхен, но германскиот шампион има еден натпревар помалку, утре против Унион Сан Жилоаз. 

Сигурни три бода извојува и Тотенхем. Томас Франк, кој во последниот период е под голем притисок поради лошите резултати, и вечерва се соочуваше со сериозни проблеми со повредни играчи, но сепак, извади компетитивен тим кој славеше со 2-0 над Борусија Дортмунд. 

Без дванаесет фудбалери, лондончани уште во првото полувреме го скршија отпорот на германскиот тим, а голема помош добија од Свенсон, кој поради груб прекршок заработи директен црвен картон во 24. минута. Головите на „петлите“ ги постигнаа Ромеро и Соланке. Тотенхем сега се искачи на петтото место со 14 бода, додека Борусија падна на единаесеттото со 11 бода.

Најголемото изненадување на вечерната програма го приреди тимот на Спортинг Лисабон, кој пред својата публика му зеде скалп на бранителот на титулата ПСЖ. Конечниот резултат во Португалија гласеше 2-1 за домаќинот, а херој на „зелено-белите“ беше Луис Суарез кој беше автор на двата гола за својот тим. Првиот за 1-0 во 74. минута, додека победничкиот го постигна во првата минута од судиското надополнување. Израмнувачкиот гол за парижани беше дело на Квича Кварацкелија во 79. минута.

Во дербито на дното, Виљареал одново разочара и пред својата публика загуби од Ајакс со 1-2 (0-0).