• Саше Љолес

Екипата на РБ Лајпциг успеа да слави голема и убедлива победа во Фрајбург со 1-5 и пак ќе играат во финалето на Купот на Германија. Гостите беа апсолутно подобар ривал и го дотолчија домашниот состав кој немаше одговор на силниот ритам на РБ Лајпциг. Сепак, лоша вест е црвениот картон на Гвардиол, кој нема да игра во финалето против Штутгарт или Ајнтрахт во Берлин.
- Извештај од натпреварот:
Тимот на Марко Розе фуриозно го започна натпреварот. Најпрво Дани Олмо и Хенрикс погодија во период од само шеесетина секунди и Лајпциг во 14. минута веќе водеше со 0-2. Потоа им се придружија Собослаи и Нкунку, кои ја удвоија предноста и на паузата гостите заминаа со предност од огромни 0-4.
Во вториот дел Фрајбург се обиде да го поправи впечатокот, домашниот состав создаде неколку изгледни прилики, но мрежата на гостинскиот голман мируваше сè до 75. минута кога Грегорич го постигна единствениот гол за домашниот состав. Вреди да се напомене дека РБ Лајпциг од 58. минута играше со човек помалку, откако Јошко Гвардиол заработи директен црвен картон.
Фрајбург имаше пет обиди на голот во второто полувреме, но не успеа да ја ублажи големата предност на Фрајбург и беше јасно дека гостите ќе бидат патници во големото финале од Купот на Германија. Последниот погодок на натпреварот беше дело на Доминик Собослаи кој го постигна вториот гол вечерва, овој пат од пенал во 98. минута.
Во финалето фудбалерите на РБ Лајпциг ќе се соочат со подобриот од дуелот помеѓу Штутгарт и Ајнтрахт Франкфурт.