• Иван Димовски

Екипата на Борусија Менхенгладбах славeше во една од дерби пресметките на седмото коло во Бундеслигата, пред својата публика на „Борусија Парк“ со 3-0 против РБ Лајпциг. Иако „биковите“ во пресрет на дуелот важеа за благ фаворит, сепак продолжија со играта „топло-ладно“ во германското првенство.
- Извештај од натпреварот:
Релативно лесно домашните во Менхенгладбах стигнаа до оваа победа. Искусното крило Јонас Хофман го отвори резултатот по десет минути игра, а во првото полувреме и вторпат ја тресеше противничката мрежа. На спротивната страна, за Лајпциг можност имаше Андре Силва кој биеше непрецизно.
Бргу по стартот на второто полувреме Рами Бансебаини стрелаше за поставување на конечните 3-0, по асистенција од Стиндл. РБ Лајпциг беше индиспониран, не изгради речиси ниту една сериозна можност, додека Хофман можеше и до хет-трик во финишот, ама шутна крај голот.
Борусија има 12 бода по седум одиграни натпревари во Бундеслигата, додека РБ Лајпциг остана на осум.