ВИДЕО: Кошмарна ноќ за Мурињо и Тотенхем, Лајпциг ја продолжи бајката во ЛШ

РБ Лајпциг продолжи да ја живее бајката и со победа на домашен терен (3-0) против Тотенхем се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите, историски резултат за германскиот Бундеслигаш.

  • Извештај од натпреварот:

Мурињо влезе со доста проблеми на овој натпревар, па тешко парираше на ривалот. Лајпциг одигра перфектно и воден од првата ѕвезда, капитенот Марсел Сабицер, дојде до голем триумф вреден место меѓу осумте најдобри во Европа.

Тотенхем почна прв да притиска на натпреварот, но немаше шут во рамки на голот. Деле Али и Моура беа главни во нападот, арно ама се чувствуваше отсуството на Кејн и Сон, двете ѕвезди кои се повредени. РБ Лајпциг првпат доби простор во десеттата минута, па дојде до гол. Реализираше Марсел Сабицер, кој беше проигран од Тимо Вернер и погоди ефектно од дваесетина метри.

Капитенот на РБ Лајпциг не чекаше долго, па десет минути по првиот го постигна и вториот гол. Лорис вторпат капитулира во 21. минута кога Сабицер биеше силно и немаше шанси да интервенира. Само една сериозна шанса имаше Тотенхем во првото полувреме, но недостасуваше реализација. Вториот дел за разлика од првиот почна доста мирно, па се играше грубо во средината на теренот. Таквата игра со повреда ја плати Нкунку, кој се повреди по еден удар со топка во главата.

Првата сериозна шанса беше дури во 75. минута по шут на Деле Али, но Гулаши беше на висината на задачата. Во 87. минута Нагелсман го повлече од игра Сабицер, на негово место го стави Форсберг, а тој по само дваесетина секунди на терен возврати со гол, за конечни 3-0.

Покрај РБ Лајпциг, во наредната фаза од Лигата на шампионите е и италијанска Аталанта.