• Саше Љолес
Заминувањето на Ељиф Елмас од екипата на РБ Лајпциг е повеќе од очекувано и наскоро ќе се случи, тврдат повеќе германски медиуми, меѓу кои и угледниот „Билд“.
Македонскиот „дијамант“ никако не успеа да си го пронајде местото во тимот на Марко Розе и голема е веројатноста да замине уште во зимскиот преоден рок. „Билд“ пишува дека Лајпциг не сака да го прати Елмас на позајмица, туку ја поставил неговата откупна цена на 15 милиони евра и чека понуда за перманентен трансфер.
За Елмас има интерес од повеќе клубови од Италија и Шпанија, па останува да видиме дали ќе одлучи да се врати во земјата каде што стана шампион со Наполи, или ќе се реши за друга дестинација во кариерата.
Македонскиот репрезентативец во моментов е повреден и се очекува да се врати на тренинзите на почетокот на јануари.