• Зоран Мишевски
Манчестер Јунајтед не победи во првиот натпревар од Премиер лигата по менаџерската смена. Ремито со Челзи на домашен терен и не е така лош резултат, но загрижува играта и местото на табелата во моментов.
Привремениот менаџер, Руд ван Нистелрој, го анализираше тактичкиот дуел на „Олд Трафорд“.
„Играчите добро се бореа на секоја педа од теренот. Беше многу убаво да се гледа ваков натпревар. Со оглед на сите шанси што ги создадовме, можевме да постигнеме уште еден гол и да го добиеме натпреварот. Разочаран сум што не победивме. Ова беше емотивен натпревар, речиси цела недела имаше многу случувања. Дојдов тука да му помогнам на клубот во секое својство. Посебно е чувството да се вратиш во овој град и клуб. Навистина уживам во секоја минута. Се трудам да ја споделам културата на клубот, градот и навивачите. Тоа е најважниот дел. Мило ми е што можам да ги споделам овие моменти и да им помогнам на играчите да го разберат духот на тимот“, изјави Руд ван Нистелрој.
„Ѓаволите“ в четврток ќе ја бркаат првата европска победа сезонава, а противник во Лига Европа ќе им биде грчки ПАОК.