• Саше Љолес
Во Фиорентина владее вистинска криза по последниот пораз од Аталанта со 2-0, кој предизвика жестока реакција кај навивачите. Незадоволството кулминираше кога група „ултраси“ ги повика играчите под трибините и буквално ги „построи“, барајќи одговори за слабиот старт на сезоната.
Разговорот бргу прерасна во жестока вербална расправија, а тензијата беше видлива на сите страни. Екипата, која по тринаесет одиграни кола има само шест освоени бодови и се наоѓа на претпоследното место на табелата, очигледно не успева да го пронајде вистинскиот ритам, ниту играчки, ниту ментално.
Во моментите кога атмосферата стануваше сè понервозна, напред излезе ветеранот Един Џеко. Иако ретко добива шанса на терен оваа сезона, искусниот напаѓач ја презеде улогата на лидер и се обрати директно кон навивачите, обидувајќи се да ја смири ситуацијата. Со смирен тон побара поддршка во тешките моменти и повика на единство, нагласувајќи дека на тимот му е потребна позитивна енергија, а не дополнителен притисок.
И покрај неговиот обид да ги смири страстите, останува јасно дека ситуацијата во клубот е далеку од стабилна. Навивачите се фрустрирани од резултатите, играчите се под огромен притисок, а тренерскиот тим е под сериозна лупа од управата.
Следните натпревари ќе бидат клучни за Фиорентина - или тимот ќе покаже реакција и ќе ја промени динамиката на сезоната, или кризата може да резултира со најлошото сценарио - испаѓање во Серија Б.






