• Мартин Танасковски
Екипата на Манчестер Јунајтед се врати на победнички пат во Премиер лигата и на „Олд Трафорд“ извојува сигурен триумф над Брајтон (3-1).
- Извештај од натпреварот:
„Ѓаволите“ конечно победија со стил на домашен терен по неколку средби во Премиер лигата и не ги мачеа своите навивачи. Два брзи гола во првиот дел го олеснија патот до победата и посакуваните три бода.
Резултатот на „театарот на соништата“ се отвори во 17. минута, кога погоди Переира по асистенција на Марсијал. Само две минути подоцна, по еден прекин и нафрлена топка, несреќниот Пропер си даде авто-гол за сигурна предност на фаворитот на хартија.
Тоа беше резултатот и на паузата, а откако Брајтон погоди во 64. минута преку Данк кој беше највсиок во скокот по еден изведен корнер, на сцена стапи Маркус Рашфорд и ја потврди својата пеколна форма, со гол во 66. минута за конечни 3-1.
Манчестер Јунајтед со оваа победа е седмопласиран во ПЛ, додека Брајтон ја прекина добрата резултаска серија и падна на единаесеттото место.
На вториот натпревар, Вулверхемптон на домашен терен со 2-1 (1-0) ја совлада Астон Вила. Невес и Хименез погодија за домашните, додека поразот за гостите го ублажи Трезеге пред самиот крај.