• Саше Љолес

Ријад Марез по неколку месеци без клуб конечно го реши прашањето околу продолжението на кариерата. Алжирецот ќе остане на Блискиот Исток, но овојпат ќе има нов предизвик во Катар.
Според последните информации, 35-годишниот фудбалер ќе потпише краткорочен договор со Ал-Шамал. Марез летово го напушти Ал-Ахли како слободен играч, по што извесен период ги разгледуваше понудите пред да донесе одлука за новата средина.
Во дресот на Ал-Ахли остави значаен белег, бидејќи со клубот двапати по ред ја освои Азиската Лига на шампионите. За тимот одигра 122 натпревари, постигна 37 гола и забележа дури 50 асистенции.
Марез во Катар пристигнува со исклучително богата кариера зад себе. Пред преселбата на Блискиот Исток, тој беше еден од најважните играчи во историскиот успех на Лестер, со кој ја освои Премиер лигата, а потоа продолжи да освојува трофеи и со Манчестер Сити.
Со оглед на неговите години, трансферот во Ал-Шамал најверојатно претставува нова фаза во кариерата на искусниот крилен напаѓач, кој по успешниот период во Европа и Азија сега ќе се обиде да остави трага и во катарскиот фудбал.
