• Саше Љолес

Екипата на Севиља потешко од очекувањата дојде до првиот триумф во Примера, славејќи над Лас Палмас со минимални 1-0. Кај домашниот тим после цели осумнаесет години се врати Серхио Рамос, кој го одигра целиот натпревар и се прикажа во одлично светло.
- Севиља - Лас Палмас 1-0:
Домашните играчи беа за нијанса подобар противник и имаа над десет обиди кон противничкиот гол, но не успеаја со поголема разлика да ја конкретизираат својата луцидност. Единствениот погодок на мечот беше дело на Доди Лукебакио, кој погоди во 71. минута од натпреварот. Севиља постигна уште еден гол само три минути претходно, но беше поништен од ВАР-собата.
До крајот на мечот, Лас Палмас повеќе ја држеше топката во своите нозе и се обидуваше да направи изненадување. Гостите на крајот имаа и две неверојатни шанси за гол, но голманот Дмитровиќ беше на висина на задачата и го спаси својот гол. Со оваа победа, Севиља се искачи од самото дно на табелата и се наоѓа на 17. место со три бода, додека Лас Палмас е претпоследен и ја продолжи низата од пет натпревари без триумф во Примера.
Виљареал со 2-1 извојува триумф на домашен терен против гостите од Алмерија. Домашниот состав имаше повеќе од играта, но вистински се помачи за да стигне до трите бода од овој дуел. Првите два гола беа постигнати доцна во првото полувреме. Најпрво гостите направија изненадување и поведоа со 0-1 преку Акиеме во 44. минута, но Жерард Морено успеа да израмни во последните секунди од првиот дел и на паузата резултатот беше 1-1.
Во вторите 45 минути видовме израмнета игра на двете страни. Алмерија имаше уште неколку солидни шанси за нов шок за домашните навивачи, но за среќа, гостите не успеаја да реализираат ниту една од нив. Виљареал во самиот финиш притисна и со сите сили тргна кон гостинскиот гол, а „експлозијата“ се случи во 94. минута, кога Александар Сорлот ги „сруши“ гостите и ги постави конечните 2-1, за огромно славје на стадионот „Ла Керамика“.
- Виљареал - Алмерија 2-1:
Вечерва се игра дуелот на двата шпански претставници во Лигата на шампионите, Реал Мадрид и Реал Сосиедад.