Рамос: Морам да го бранам мојот тим и ќе играм до смрт за ПСЖ

Рамос

Повторената ждрепка во Нион посака Реал Мадрид да се сретне со ПСЖ во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Тоа ќе биде нова шанса за Лионел Меси да се претстави на „Сантијаго Бернабеу“. Исто така, Серхио Рамос ќе се врати на познат терен и ќе застане наспроти клубот во кој ги постигна сите успеси во кариерата.

„Морам да го бранам мојот тим и ќе играм до смрт за ПСЖ. Посакував друг противник, но тоа е судбината. Сите знаат како се чувствувам кога е во прашање Реал Мадрид“, најави шпанскиот дефанзивец по ждрепката.

35-годишникот ова лето замина од Мадрид и се пресели во францускиот шампионат. Тоа го направи по шеснаесет години во „кралскиот“ дрес на Реал.

Рамос неодамна се врати по тешката повреда и дебитира за „светците“. Судирот против Реал Мадрид е закажан за февруари, а тој се надева дека дотогаш ќе биде максимално подготвен за настап.