Рамос искрен: Да не беше Меси играч на Барса - ќе освоевме многу повеќе титули

Серхио Рамос, долгогодишниот капитен на Реал Мадрид, верува дека неговиот тим ќе освоеше повеќе титули доколку Лионел Меси не беше играч на Барселона.

Искусниот шпански дефанзивец со „кралскиот клуб“ освои четири титули во Лигата на шампиони и пет во Примера, додека на спротивната страна Меси десет пати се радуваше на трофејот од домашниот шампионат, а четири пати на оној од европската елита.

„Меси ни создаде големи проблеми низ годините. Можеби ќе освоивме повеќе титули, ако тој не беше во Барселона. Имаше период кога игравме против најдобриот тим на Барселона во историјата. Имавме одличен тренер, како Мурињо, но ни беше тешко да ги победиме“.

Барселона и Реал и оваа сезона се борат за титулата во домашното првенство. Каталонскиот тим е втор на табелата, со бод помалку од водечкиот Атлетико, а „кралскиот клуб“ е на третото место со три бода заостанување зад лидерот.