• Саше Љолес

Фудбалската репрезентација на Бразил ќе има нов капитен. Откако Тиаго Силва се прости од националниот тим по Светското првенство во Катар, сега нов лидер на теренот на „кариоките“ ќе биде феноменалниот Карлос Касемиро.
Привремениот селектор на Бразил, Рамон Менезес, се одлучил на овој потег поради неприкосновеноста на Касемиро на тренинзите и во соблекувалната, неговото огромно искуство, трофеите во неговото портфолио, како и бескомпромисноста што ја прикажува буквално на секој меч, без разлика дали е клупски или репрезентативен.
И самиот Касемиро е среќен поради оваа одлука на селекторот и даде изјава за бразилските медиуми во која вели дека честа е огромна, но исто така чувствува и огромна одговорност затоа што Бразил е една од најдобрите репрезентации на планетата.
„Знам дека има разни мислења за овој потег на селекторот, но јас сум подготвен за оваа должност. Благодарен сум што ми е доверена оваа улога во тимот. Ако не бидам јас единствен капитен, нема да се лутам никому. Дури и би сакал да имаме повеќе капитени, затоа што јас се гледам само како еден од предводниците на оваа екипа. Тука мислам на неколкумина од нас, повозрасните играчи. Помладите мора да ја заслужат почитта и љубовта од навивачите, а таа се добива само со добри игри на теренот. Мора да работиме сите напорно за Бразил да биде повторно на врвот“, изјавил Касемиро кој игра солидна сезона во дресот на Манчестер Јунајтед.
Карлос Касемиро игра за репрезентацијата на Бразил од 2011 година. Оттогаш тој има забележано над 80 официјални и пријателски настапи за националниот тим и има постигнато шест голови. Тој е петкратен освојувач на Лигата на шампионите со Реал Мадрид и трипати ја освојуваше титулата во Примера.
Останува да видиме дали Касемиро ќе остане капитен на Бразил и по доаѓањето на новиот селектор кој треба да биде објавен наскоро, а светските медиуми на големо шпекулираат дека тоа ќе биде легендарниот Дон Карло Анчелоти.