Рамадани: Шкупи и оваа година ќе напаѓа најмалку излез во Европа!

Екипата на Шкупи по елиминацијата од Европа ги има сите погледи вперено кон настапите во домашните натпреварувања. Тренерот Зекрија Рамадани ја подготви екипата за наредните предизвици, а целта е најмалку излез во европските купови наредната година.

Чаирчани го задржаа костурот на тимот, а донесоа и неколку засилувања со кои се зголеми конкуренцијата. Рамадани вели дека Шкупи искрено се надева на добар старт на првенството, но и добра игра во наредните 35 кола, затоа што еден меч нема да ја реши сезоната.

„Целта на Шкупи оваа сезона е пак да излезе во Европа. Минатата сезона ги исполнивме целите на управата, имавме добра екипа, а со новите засилувања тимот ќе биде уште посилен. Конкуренцијата во Шкупи порасна, имаме навистина здрава конкуренција, а, кога се има такво нешто секој ќе даде максимум за да биде во првите единаесет во тимот. Годинава очекуваме подобри резултати, знам дека и другите клубови не седеа со скрстени раце и нема воопшто да биде лесно. Сите клубови го направија максимумот за соодветно да се засилат. Се надеваме на добар старт, но и на добра игра во понатамошниот дел од првенството, затоа што ако сакаме да ги оствариме нашите цели ќе мора да играме константно и да градиме резултати 36 кола. Еден или два натпревари не може не донесат до посакуваниот успех“, вели Рамадани за Gol.mk.

Прва пречка за Шкупи во ПМФЛ ќе биде „реновираниот“ Силекс на Жикица Тасевски. Рамадани вели дека тоа може да биде предност за чаирчани на првата средба, но потенцира дека Тасевски е одличен тренер и дека на подготовките сигурно го воиграл новиот тим.

„Секогаш кога се прави ремонт на екипата, тогаш е најтешко за тренерот. Верувам дека и мојот колега Тасевски има потешкотии да го воигра тимот. Но, тоа не е доказ дека нема да игра добро, затоа што Тасевски е добар тренер. Силекс имаше време да се воигра. Ние имаме иста екипа, но против Силекс ќе настапиме со играчи што беа минатата сезона затоа што засилувањата се уште не се подготвени за настап. Силекс и Шкупи секогаш играле тешки натпревари, се надевам дека ќе ги искористиме шансите да дојдеме до три бода. Сигурно дека во Кратово и непоразени би биле задоволни“, заврши предводникот на скопскиот прволигаш.

Шкупи против Силекс нема да може да смета на Сержињо, Гомис, Биљали... кои пристигнаа во овој преоден рок затоа што се средува нивната документација во ФФМ, а во комбинација за настап нема да бидат Љамчевски, кој е повреден, како и Муарем Муарем.

Првиот натпревар во новата сезона Шкупи го игра на „Градскиот стадион“ во Кратово, в недела од 17:00 часот.