ВИДЕО: Рамадани ја однесе Шкендија на врвот во ПМФЛ!

Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) непосредно пред паузата доби нов лидер. Шкендија славеше на гостувањето кај Воска Спорт (0-1) и со десеттиот триумф сезонава скокна на првото место по ремито на ривалите во дербито на колото.

Тетовчани ја искористија „нулата“ на Гостивар и Силекс, па со два бода повеќе во однос на трите ривали зад себе, тука е и Работнички, застанаа на првото место и во последното коло дома ќе играат за есенска титула против Гостивар.

Дуелот во Охрид почна со иницијатива на Шкендија која имаше шанси, ама не успеа да го најде патот до мрежата на Китановски. Првата можност дојде во 15. минута кога голманот на Воска му фати шут на Ибраими, а потоа во 35. минута Рамадани промаши топка во казнениот простор и не реализира добра можност. Две минути подоцна, Вебстер влезе по левата страна и додаде до Адеми, но тој не погоди со лизгачки старт.

На паузата на дуелот Воска - Шкендија немаше голови, а на самиот старт на вториот дел се виде дека паузата им годеше на гостите. Додека течеше 50. минута, Флорент Рамадани влезе по левата страна и биеше откосо. Голманот на Воска Спорт овој пат не успеа да интервенира и така фаворитот дојде до предност (0-1).

И како времето одминуваше, така актерите делуваа поуморно. Немаше сериозни возбудувања во продолжението, иако Шкендија можеше да победи со уште еден гол повеќе во Охрид кај тимот кој се бори за опстанок.

Последното коло во ПМФЛ за оваа година се игра на 8 декември, в недела, од 13:00 часот.