Рајола започнува судски спор со Милан и го поништува договорот на Донарума?

Според пишувањата на италијанските медиуми, Мино Рајола, агент на Џанлуиџи Донарума, ќе бара поништување на договорот на неговиот клиент со тимот на Милан, кој беше потпишан во месец јули.

Младиот голман на почетокот на годината изјави дека нема да потпише нов договор и дека во јули 2018 година ќе го напушти клубот. По големиот притисок од јавноста и од самиот клуб, Донарума сепак ја продолжи соработката со „росонерите“ до 2021 година, но тој договор би можел да биде поништен, бидејќи Рајола сака да започне судска постапка против Милан.

Како една од причините за поништување на договорот, агентот на Донарума наведува дека е фактот дека тој не присуствувал кога се потпишувал новиот договор. На продолжувањето на договорот присуствувал неговиот адвокат Риго, но и тој заминал пред самиот чин на потпишување.

Исто така, Мино Рајола вели дека младиот голман го потпишал договорот под голем притисок и поради тоа треба тој да биде поништен, а ако не може спогодбено, тогаш е подготвен и на решавање на спорот во институциите. Во последниот период се споменува дека Рајола се обидува да го однесе Донарума во ПСЖ, а дали тоа е една од причините за новите тензии околу младиот голман, останува да се разјасни во следниот период.