ВИДЕО: Рајо Ваљекано и Кристал Палас ќе играат за историја во КЛ!

Во големото финале на Конференциска лига ќе играат Рајо Ваљекано и Кристал Палас, кои на 27 мај во Лајпциг ќе се борат за својот прв европски трофеј. Рајо Ваљекано во полуфиналето уште еднаш го потврди квалитетот против Стразбур и по победата од 1-0 на гостински терен обезбеди пласман со вкупни 2-0.

Тимот од предградието на Мадрид доминираше во текот на целиот натпревар и уште во првото полувреме создаде голем број шанси. Единствениот погодок падна во 42. минута, кога по корнерот на Иси Паласон, најдобро се снајде Алемао и ја затресе мрежата на домаќините.

Стразбур беше речиси безопасен, а најдобрата можност ја имаше во судиското продолжение, кога Антонио Батаља му одбрани пенал на Хулио Енсисо. За Рајо ова ќе биде историско финале, бидејќи клубот никогаш досега нема освоено трофеј од своето постоење.

Во второто полуфинале, Кристал Палас ја потврди предноста против Шахтјор Доњецк и со победа од 2-1 во Лондон обезбеди финале со вкупни 5-2. Англискиот тим рано ја презеде контролата, а автоголот на Енрике му донесе предност на Палас. Украинскиот состав израмни преку Егиналдо, но во второто полувреме Исмаила Сар го постигна победничкиот погодок по асистенција на Тајрик Мичел.

Тренерот Оливер Гласнер сега има можност да му донесе и прв меѓународен трофеј на клубот од Лондон, по освоените домашни трофеи во последните две сезони. Финалето во Лајпциг ветува спектакл и сигурно ќе донесе ново име на листата европски освојувачи.