ВИДЕО: Димитриевски одличен, но Рајо остана без бод(ови) кај Еспањол

Македонскиот голман Столе Димитриевски и неговиот Рајо Ваљекано во самиот финиш пропуштија шанса да освојат бод на гостувањето кај Еспањол (1-2), меч во кој ВАР-системот и судиите поништија три гола кои паднаа на обете страни.

Димитриевски беше одличен и ги собра пофалбите од шпанската јавност за неговото издание. Имаше три перфектни одбрани на оваа средба, а меѓу другото, ја прочита и страната на пеналот на Еспањол, но за малку не го одбрани шутот на Иглесиас за 1-1.

Голот за победа на Еспањол падна во 95. минута, а беше дело на Серхи Дардер кој биеше ефектно со волеј-удар од пред шеснаесетникот по една нафрлена топка. Претходно, Рајо Ваљекано поведе со погодокот на Ба во 33. минута. ВАР-системот поништи два гола на Еспањол (19, и 89. минута), како и еден за Рајо (11. минута). Исто така, благодарение на технологијата Еспањол доби и пенал на овој меч.

За Рајо Ваљекано ова е втор пораз по ред во Примера. Тимот се наоѓа на 18. место, додека Еспањол победи по пет кола и сега е 11. пласиран.