ВИДЕО: Рајо чекори кон Европа, а Лас Палмас гледа кон Сегунда

Екипата на Рајо Ваљекано забележа многу важна победа во борбата за место во Лигата на Европа, триумфирајќи на гостувањето кај Лас Палмас со минимални 0-1 во 35. коло на Примера. 

Средбата на „Естадио де Гран Канарјиа“ мина во знакот на гостите кои ќе преноќат на седмото место кое води во второто по ранг европско натпреварување. Од друга страна Лас Палмас гледа кон Сегунда врзувајќи три порази во низа. Иако има уште три кола до крајот, тимот од Гран Канарија е на „минус три“ зад Алавес и до крајот двапати гостува. 

Што се однесува до самиот натпревар, човек на одлука беше Алваро Гарсија кој во 66. минута го пронајде патот до домашната мрежа и го даде единствениот гол за 0-1. Имаше Лас Палмас налет и обид да се врати резултатски, но не успеа. 

Во следното коло Рајо е домаќин на Бетис, додека Лас Палмас оди на гости кај Севиља.