• Горан Упале
Рубен Аморим ниту во второто соочување не успеа да го надмудри Микел Артета, откако неговиот Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ одигра само 1-1 против големиот ривал од Лондон, Арсенал. Бруно Фернандеш и Деклан Рајс беа стрелци на головите, а своја вечер имаа голманите Онана и Раја кои беа главни „виновници“ што не паднаа уште неколку гола во Манчестер.
- Извештај од натпреварот:
Клупата на Манчестер Јунајтед повторно беше полна со тинејџери, а дополнителен проблем за Аморим беа најновите повреди на Мегвајер и Угарте, па за првпат под водство на португалскиот стратег од првата минута започнаа Касемиро и Ериксен. И Артета не можеше да смета на неколку клучни фудбалери, пред сè во нападот, па одново во стартниот состав се најдоа Нванери и Мерино, кој во десеттата минута ја имаше првата шанса на натпреварот.
Арсенал, кој пред неколку дена постигна седум гола на гостувањето во Лигата на шампионите кај ПСВ Ајндховен, беше подобриот ривал на стартот од дербито на „Олд Трафорд“. Но, поседот на топката и иницијативата не донесоа ништо позитивно кај „топџиите“, затоа што Онана речиси и да немаше работа, додека на спротивната страна, Јунајтед поведе по првата посериозна шанса. Капитенот Бруно Фернандеш уште една покажа дека е велемајстор за слободни удари. Во втората минута од продолжението искусниот Португалец погоди во свој стил и на својот тим му донесе предност од 1-0, резултат со кој се замина на одмор.
Стартот на вториот дел донесе две големи шанси за Арсенал. Неуспешни обиди да го совладаат Онана имаа Тросар и Одегард, а нешто подоцна своите голмански способности ги покажа и Раја. Прво по испратената закана од Мазрауи, а потоа не дозволи Зиркзе да постигне спектакуларен погодок со пета.
Како што се ближеше крајот на дербито, така Арсенал притискаше сè посилно, а тоа му се исплати во 74. минута, кога Деклан Рајс во свој стил од дистанца го совлада Онана и го врати својот тим во игра. Аморим веднаш реагираше и го освежи нападот со влегувањето на Хојлунд. Токму данскиот напаѓач за краток период се најде во две колосални шанси, но во двата наврати реагираше недоволно добро за да го совлада Раја и да ја врати предноста на домашниот тим. Шпанскиот голман беше централна фигура и во финишот од натпреварот, откако со чудесна интервенција му одбрани зицер на Бруно и на својот тим му обезбеди еден бод ова тешко гостување.