Раиола: Се надевам дека Оле во иднина нема да изјави дека Погба е негов заложник

Еден од најконтроверзните фудбалски менаџери Мино Раиола, повторно без влакна на јазикот испрати остри критики до челните лица на Манчестер Јунајтед и менаџерот Оле Гунер Солскјер, велејќи дека Пол Погба не е во сопственост на клубот од „Олд Трафорд“. 

Оваа реакција од италијанскиот агент доаѓа по изјавата на Оле Гунер Солскјер дека Погба не може да направи ништо без согласност на клубот. 

„Пол Погба не е нитто во моја, ниту во сопственост на Манчестер Јунајтед. Тој е Пол Погба. Не можете да бидете сопственик на некого, се надевам дека Оле во иднина нема да изјави дека Пол е негов затвореник.

Мислам дека Солскјер е фрустриран поради некои други работи и сега ги меша чувствата. Досега бев фин кон него, а тој треба да се потсети што сè зборуваше за Погба во последните месеци“, напиша Раиола.

Манчестер Јунајтед синоќа славеше над големиот ривал Челзи со 0-2, а Погба поради повреда не настапи на овој дуел. Според најавите од Островот, францускиот ас на располагање на Оле ќе му се стави на почетокот на месец март.