Раиола: Де Лихт е како Ибрахимовиќ, Јуве е најдобриот тим за него! 

Мино Раиола и ова лето беше во фокусот на фудбалската јавност, овој пат за трансфер-сагата на холандскиот талент Матејс Де Лихт. Капитенот на Ајакс беше мета на повеќе европски гиганти, најпрво бил пред потпис во Барселона, па беше преселен во Манчестер Јунајтед, но на крај е продаден во редовите на Јувентус

19-годишниот стопер веќе е во Торино и во текот на денешниот ден се очекува и официјално да стави потпис со италијанскиот шампион, а Раиола објаснува зашто Де Лихт се решил за „старата дама“ пред останатите гиганти. 

„За еден талентиран дефанзивец, многу важно е каде ќе ја продолжи кариерата. Мислам дека Италија е најдобрата опција, а Јувентус е најдобриот тим за него во овој момент. Таму може да научи многу и за краток период да стане еден од најдобрите на светот. Сега треба да го докаже својот талент и со напорна работа да ги оствари своите цели. Неговите амбиции се многу слични со оние на Ибрахимовиќ кога беше на негови години“, рече фудбалскиот агент. 

Де Лихт утрoво ги мина медицинските прегледи по што следува потпишувањето на договорот вреден околу 75 милиони евра, втор највисок за еден дефанзивец во историјата на фудбалот.