• Мартин Танасковски
Рахим Стерлинг не доби доволно простор во Челзи и во текот на зимскиот преоден рок побара нова средина. Иако опциите постепено се намалуваа по затворањето на повеќето европски пазари, во Холандија трансфер-периодот сè уште беше активен, па од денес англискиот офанзивец и официјално е нов член на Феенорд.
Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Манчестер Сити, Челзи и Арсенал потпиша договор со ротердамскиот клуб до крајот на актуелната сезона, со што првпат во кариерата ќе настапува во холандската Ередивизија.
„По обемни разговори со Робин ван Перси, убеден сум дека Феенорд е местото каде што ќе бидам среќен и истовремено важен дел од тимот. Играњето во странство за мене претставува сосема нов предизвик – и предизвик што со задоволство го прифаќам. Со нетрпение го очекувам почетокот. На Феенорд, а особено на Робин и Денис: ви благодарам за трпението и професионалноста додека минував низ овој процес“, изјави Стерлинг.
Во својата богата кариера, Стерлинг четири пати ја освојуваше Премиер лигата, а со Манчестер Сити триумфираше и во Лигата на шампионите. За репрезентацијата на Англија има 82 настапи и постигнато 20 голови, што го вбројува меѓу позначајните офанзивни имиња на „Гордиот Албион“ во изминатата деценија.



