Рафиња заминува од Баерн Минхен, кариерата ќе ја продолжи во Бразил 

Сè по извесно е заминувањето на искусниот бек Рафиња од редовите на Баерн Минхен. 33-годишниот бразилски интернационалец оваа сезона не ужива во голема минутажа од страна на тренерот Ковач и веќе размислува на својата следна дестинација. 

Рафиња пред во мај 2018 за една година го продолжи договорот со Баварците, но откако беше договорен Павар повеќе од јасно беше дека ново вакво сценарио нема да има. Наводно, десниот бек веќе ја пронајде новата средина и се очекува наскоро да потпише двегодишен договор со бразилски Фламенго. 

Тој во Бундеслигата пристигна пред 14 години, кога дресот на Коритиба го замени со оној на Шалке, а по пет сезони минати во тимот од Гелзенкирхен се пресели во Џенова.

Неговата авантура во Италија траеше само една сезона, откако во 2011 година се реши да го засили минхенски Баерн, за кого одигра 260 натпревари.